Откријте ја Словенија

Print Add to travel planner
Семејствата, деловните луѓе и љубителите на активен одмор - во Словенија ќе имаат што да прават. Шетачите ќе ги смирува тишината на планините, a спортските планинари, скијачите, велосипедистите, кајакарите, љубителите на едрење риболовците, ловците, играчите на голф, љубителите на јавање со коњи итн. - живописните природни карактеристики коишто им овозможуваат да уживаат во своите спортови. 

 
 

Од трите големи култури - панонската, алпската и средоземната - произлегуваат и јадењата на словенечката кујна. Најстарите основни елементи на исхраната на Словенците се јадења од тесто и каша. Познати се лепчињата за празнични прилики кои и денес се прават во форма на плетени векнички или венчиња, како и штруклите кои се подготвуваат на 70 различни начини со сладок и месен фил и со фил од зеленчук, и „жганците„. Меѓутоа, вистински словенечки специјалитет се "потици" кои за време на празници се подготвуваат со различни филови.


Но, ова е и вистинска земја на лозјата. Словенија е поделена на три лозјарски региони: приморски, посавски и подравски и на 14 окрузи со своите препознатливи карактеристики. Приморскиот регион е познат по своевидните црвени и полни бели вина, од посавскиот регион потекнува словенечкиот специјалитет - "цвичек", а подравскиот регион е татковина на ренскиот ризлинг, совињон и руландец, како и на одличниот траминец и на пенливи вина. 



Одличната положба, живописната слика, многубројните можности за активен одмор и врвната кулинарска понуда и понудата на вина на земјата ја заокружуваат нејзините луѓе: љубезни, срдечни, весели, внимателни. Луѓе, чијшто идентитет се оформил со словенечкиот јазик којшто го зборуваат два милиона луѓе, a се одржал и поради динамичниот културен живот. За Словенците присните меѓусебни односи сė уште се најголема вредност. Својата гостољубивост и богатото катче на светот сакаат да ги споделат со посетителите.


СОНЧЕВИ АЛПИ
Поголемиот дел од Јулиските Алпи се наоѓа во рамките на Триглавскиот национален парк. На неговите падини се наоѓа Блед познат во целиот свет. Со многубројните можности за рекреација, со конгресната сала, коцкарницата и игралиштето за голф, претставува вистински туристички рај. Бохињ е почетна точка за многубројните планинарски походи, a Бохињско Езеро и Бохињска Бистрица претставуваат рај за љубителите на активности на вода. Во поблиската околина се наоѓаат скијалишта, патеки за тркачи на скии, а постојат и можности за активности на планински велосипедисти, параглајдери, спортски планинари итн. Во лето Крањска Гора е привлечна поради рекреацијата и спортовите во природа, а во зимо - поради одличните терените за различни форми на скијање. На блиската Планица, своите сили секоја година ги одмеруваат најдобрите скијачи и скокачи во светот. Пределите во долината на Соча, смарагдната река, Бовец, Кобарид и Толмин, ги привлекуваат како оние кои бараат мир така и оние кои копнеат по адреналин. Тука се на располагање многубројните спортови на вода, а долината може да се доживее и со помошта на параглајдер, змеј или планински велосипед. 

 

ЗЕЛЕН МЕДИТЕРАН
Словенечкиот брег е долг 46,6 километри. Градовите Пиран, Изола и Копар, распоредени долж брегот, повикуваат со својот средновековен изглед. За Копар се вели дека поради своето историско јадро претставува еден од најсликовитите предели на северниот дел од Истарскиот полуостров. Изола е приморско гратче со богата рибарска традиција. Туризмот е сконцентриран на јужниот дел од населбата, во Симоновиот залив, каде што се наоѓа и капалиштето и каде што се сместени хотели и ресторани. Пиран, стар град со пристаниште, е во целост заштитен како културно-историски споменик; ја сочувал концепцијата на тесни улици и тесно збиени куќи коишто од крајбрежната рамница скалесто се издигаат кон врвот на ридот и на околината и даваат карактеристичен медитерански изглед. Меѓутоа, со најдолга туристичка традиција може да се пофали Порторож, туристички град со удобни хотели, со модерни базени, со разновидна понуда на ресторани и манифестации; тој претставува и омилен конгресен центар.



ТАИНСТВЕН КАРСТ
Тоа што карстот има две лица – едно над, а другото под површината - »виновни« се варовникот и водата. На површината тие »создаваат« карсни вртачи, шкрапи, извори, вдлабнатини, дупки и полиња (Планинско, Церкнишко), a под површината се распростираат многубројни понори и карсни јами – се зборува дека словенечкиот Карст е делче од најубавиот подземен свет на нашата планета. Така во Словенија се наоѓаат повеќе илјади карсни јами и понори, a за туристите се уредени и отворени 20 ризници на варовнички ремек-дела што ги создаваат понорните карсни води. Најпосетени се Постојнска јама, Шкоцјански јами, коишто од 1986 година се запишани во списокот на UNESCО, Пивка и Чрна јама, Крижна јама, Виленица итн. Од словенечкиот карст потекнуваат и благородните коњи липицанери. Липица, каде што веќе подолго од четири века се развива Кобиларна, важи за колевка на тие коњи. Навистина, денес тоа место претставува туристичко-рекреативен центар со школа за јавање познато како меѓународна сцена за традиционални спортски приредби на јавање. 

 

ДИНАМИЧНА ЉУБЉАНА
Велат дека Љубљана која има околу 276.000 жители е град по мера на човекот. Иако се наредува меѓу средно големите европски градови, настојува да одржи пријатна атмосфера на помало место, а истовремено може да ги задоволи сите потреби на големите престолнини. Тоа е град во кој се сретнале културите на Исток и Запад, па затоа старото хармонично се преплетува со новото. Тоа е град на културата, дом на многубројни театри, музеи, галерии, а се гордее и со една од најстарите филхармонии во светот. Тоа е град на концерти и различни приредби, научен и универзитетски центар и град на многубројни деловни средби. Тоа, исто така, е град во кој во летните месеци многубројните кафеани и ресторани излегуваат на улици, на брегот на Љубљаница и на плоштадите на старото градско јадро. Поради својата географска положба, престолнината претставува и одлична појдовна точка за откривање на исклучително разноликите лица и убавини на Словенија. 

 

НАСМЕАНО ПОХОРЈЕ
На околу 1000 квадратни километри на големото и со игличеста шума обраснато Похорје, на некои места се развиле скијачки центри (Арех, Рогла, Копе), а на други се нудат разгранати планински патеки наменети за посетителите и љубителите на велосипедизмот и јавањето. Похорје го посетуваат и љубителите на падобранство, летање со змејови и балони, а и оние кои сакаат да откриваат прашума и недопрени води.

Марибор со нешто помалку од 115.000 жители претставува втор најзначаен центар на Словенија. Се гордее со најстариот чокот на светот кој веќе полни четири века расте во градското јадро покрај Драва; покрај реката е и сликовитиот и динамичен Лент, познат по меѓународниот мултикултурален Фестивал Лент. Пространите лозја кои од крајот на градот се искачуваат по мариборските ритчиња се испреплетени со повеќе од 50 километри вински патишта. На нив се поставени крчми и туристички селски домаќинства. Марибор со капацитетите за конгресна активност во хотелот Хабакук станува и значаен конгресен центар на Словенија . 

 
X

Cookies

The website uses cookies to improve user experience. By visiting and using the website, you agree with cookies.
I agree
Read more